Повик за пријавување интерес за запишување во база на рецензенти
Врз основа на член 15 од Законот за учебници во основно и средно образование („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 3/25) и Правилникот за начинот на запишување во базата на рецензенти и начинот на работа на рецензентите („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 13/25), Министерството за образование и наука – Педагошка служба објавува:
ПОВИК ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ ИНТЕРЕС
Министерство за образование и наука – Педагошка служба, согласно Законот за учебници во основно и средно образование води база на рецензенти. Согласно Правилникот за начинот на запишување во базата на рецензенти и начинот на работа на рецензенти е утврден начинот на запишување во електронската база за рецензенти за ракописи на учебници и учебници по странски јазици.
Услови за заинтересираните лица:
- Да се наставници од наставничките факултети за наставниот предмет за кој е наменет учебникот и со најмалку десет години работно искуство;
- Да се наставници од основно, односно средно училиште соодветни за наставниот предмет за кој е наменет учебникот и со најмалку десет години работно искуство во настава;
- За наставните предмети јазик и култура на српската, бошњачката, влашката, турската и ромската заедница, како и за предметите кои за првпат се воведуваат во наставата, можат да се пријават и лица со завршено најмалку високо образование од областа на која припаѓа наставниот предмет за кој е наменет учебникот и кои имаат најмалку пет години работно искуство како наставник или соработник во високото образование;
Документи кои треба да се прикачат:
- Уверение или диплома за завршено соодветно образование, во оригинал или копија заверена со нотарски печат. За завршено образование во странство, потребно е решение за признавање на странска високообразовна квалификација;
- Доказ за истоветност на името и презимето доколку се разликува од името во дипломата;
- Потврда за работен стаж издадена од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија;
- Изјава дека ги исполнуваат условите од член 15 од Законот за учебници во основно и средно образование;
- Согласност за обработка на лични податоци.
Повикот е отворен постојано!
Пријавата се пополнува електронски на порталот е-услуги.